УТРО.мк

Јавна расправа за предлогот за изменување на Кривичниот законик во Собранието

Јавна расправа за предлогот за изменување на Кривичниот законик во Собранието
Vero
sobranie
sobranie

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска, на својата 51. седница, ќе одржи јавна расправа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик – законско решение кое отвора сериозни прашања за борбата против корупцијата, заштитата на приватноста и усогласувањето со европските стандарди.

Иницијативата е поднесена од група пратеници, меѓу кои Бојан Стојаноски, Љупчо Пренџов, Тони Јаревски, Бране Петрушевски, Драгана Бојковска, Дафина Стојаноска, Игор Здравковски, Лидија Петкоска и Мартин Стојановски. Според образложението објавено на веб-страницата на Собранието, со предложените измени се настојува да се надминат сериозни слабости во постојните законски решенија и да се постапи по одлуката на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година, објавена во „Службен весник“ број 58/25.

Фокусот на измените е ставен на заострување на казнената политика, особено кај кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Злосторничко здружување“. Со зголемување на предвидените казни, предлагачите сметаат дека повторно ќе се зајакне превентивната и репресивната улога на казненото право, што во изминатиот период, според нив, била значително ослабена.

Во исто време, Предлог-законот има за цел да одговори и на забелешките нотирани во Извештајот на Европската комисија за 2023 година, со што би се воспоставила посилна и поефикасна правна рамка за справување со високата корупција.

Една од позначајните новини е воведувањето на сосема ново кривично дело – злоупотреба на туѓи снимки, фотографии, аудио-записи или списи со сексуално експлицитна содржина. Со ова се пополнува правна празнина која, како што се наведува, во пракса довела до сериозни злоупотреби на приватноста. Новото кривично дело ја штити личната приватност и санкционира секое неовластено споделување интимни содржини без согласност на лицето на кое тие се однесуваат.

Предлог-законот предвидува и проширување на примената на проширената конфискација, преку измена на членот 98-а, со што таа би можела да се применува на поширок круг кривични дела.

Значајни интервенции се прават и во насока на усогласување со Истанбулската конвенција. Така, кај кривичното дело „Телесна повреда“ се укинува гонењето по предлог во случаи на родово-базирано насилство, семејно насилство, насилство врз жени, дела сторени од омраза или врз особено ранливи категории. Овие случаи ќе се гонат по службена должност, што претставува суштинска промена во заштитата на жртвите.

Како одговор на практичните проблеми во борбата против експлоатацијата на деца, се предлагаат и два нови облици на кривичното дело „Трговија со дете“, насочени кон поефикасно справување со појавата на детското питачење.

Покрај суштинските измени, Предлог-законот содржи и низа итни, технички интервенции кои се однесуваат на куќниот затвор, условната осуда со заштитен надзор, како и на проширената конфискација, со цел појаснување и подобрување на постојните одредби.

Дополнително, предвидени се и измени за усогласување на кривичните дела против безбедноста во сообраќајот и одземањето на предмети, во рамки на законскиот пакет поврзан со проектот „Safe City“.

Uslugi
Dijamant Lotarija
Uslugi
Loto & Dzoker
Uslugi
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Uslugi
Филигран