
Компанијата Грин Машинс, бренд на БРАКО и еден од водечките светски производители на возила за урбана хигиена, воспостави соработка со најуспешниот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе, чии тркачки автомобили отсега ќе го носат логото на македонскиот бренд на европските патеки.

„За нас претставува чест да бидеме дел од приказната на Игор Стефановски – Иџе. Станува збор за спортист кој со своите резултати, професионален однос и упорност со години е еден од најдобрите промотори на Македонија во странство. Во исто време, Грин Машинс преку своите електрични и водородни свипери е присутен на речиси сите континенти. Веруваме дека ваквите успешни македонски приказни заслужуваат меѓусебна поддршка и заедничка промоција на нашата земја на меѓународната сцена“, велат од Грин Машинс.

Свиперите, односно специјализираните возила за урбана хигиена што ги произведува БРАКО се препознатливи на светските пазар, а преку ова партнерство, брендот ќе биде присутен и на европските тркачки патеки, каде што Иџе со години успешно ги брани боите на Македонија и остварува врвни резултати во конкуренција на најдобрите европски автомобилисти.
Соработката претставува симболично поврзување на две успешни македонски приказни – едната од производствените капацитети на БРАКО, а другата од европските тркачки патеки – кои преку своите достигнувања придонесуваат за афирмација на Македонија надвор од нејзините граници.


















