УТРО.мк

Гломазниот судски процес за трагедијата во „Пулс“ буди сомнежи: Правдата може да се изгуби во колективен заборав

Гломазниот судски процес за трагедијата во „Пулс“ буди сомнежи: Правдата може да се изгуби во колективен заборав
Vero

Една година по кобниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој згаснаа 63 млади животи, судскиот процес се наоѓа под лупата на јавноста и политичките чинители. Преобемниот обвинителен акт, кој опфаќа десетици лица, отвора сериозни сомнежи – дали вака конципираниот предмет ќе донесе брза и ефикасна правда или намерно ќе се развлекува за вистинските виновници да останат неказнети.

Во дебатната емисија „24 Анализа“, претставниците на политичките партии ги вкрстија копјата токму околу текот, истрагата и големината на овој судски процес.

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, посочи на комплексноста на постапките и бројот на обвинети кои седнаа на обвинителната клупа:

„Имаме процес за четири обвиненија. Мислам дека се четири судски постапки од коишто две се завршени. Најобемната има 32 физички лица и три правни лица… Таа веќе трае четири месеци и нешто. А другите три се за припадници на МВР од коишто едната е готова со три обвиненија…“.

Сепак, токму оваа „гломазност“ отвора правни дилеми. Снежана Калеска Ванчева од СДСМ, гледајќи од правнички агол, изрази отворен сомнеж за тоа како е конципирано обвинението и предупреди на потребата од ефикасност:

„Оправдано е, оправдан е сомнежот, а гломазен е процесот. Јас како правник навистина поставувам прашање и за мене лично е нејасно како можат сите тие луѓе во тоа обвинение да бидат соизвршители во едно такво кривично дело…“. „…треба да имаме ефикасна и ефективна правда, тоа подразбира брзо, секако да не трае со години и навистина да одговараат согласно закони, согласно доказите и фактите вистинските“.

Стравувањата дека обемноста на предметот е всушност параван за одолговлекување и политичко калкулирање, ги изнесе Фатон Алити од ДУИ:

„…мислам дека тенденцијата е да се развлекува и точно тоа – вистинските виновници колку што е можно повеќе да се амнестираат…“. „…и судските процеси ќе се развлекуваат колку што е можно повеќе за да се што повеќе амортизираат тие политички последици негативни, сметам за партиите или партијата најголема на власта…“.

На крајот, резимирајќи ги стравувањата на родителите и јавноста, водителот на емисијата го постави можеби најсуштинското прашање, стравувајќи од разводнување на одговорноста:

„…дали од колективна загуба што ја говориме, со овој судски процес ќе влеземе колективна вина да имаме, ќе влеземе во процес на колективен заборав, бидејќи процесот е преобемен, прекомплициран, а кога ќе се истурка во меѓувреме се менуваат работите…“.

Останува да се види дали правосудниот систем ќе ги демантира овие политички сомнежи и ќе испорача правда за семејствата кои, како што беше заклучено во дебатата, остануваат „жедни за правда“.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран