ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата остварија убедлива победа во првиот круг од локалните избори, освојувајќи 32 градоначалнички мандати според првичните неофицијални резултати од Државната изборна комисија, по обработени 99,94 отсто од избирачките места.
Вкупно во првиот круг се избрани градоначалници во 44 општини, а владејачката партија доминира во најголем дел од нив. СДСМ победи во три општини, коалицијата ВЛЕН во пет, додека Демократската унија за интеграција (ДУИ) во четири општини.
Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ победија во Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица и Штип.
Во општината Старо Нагоричане кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ има точно 50 отсто од освоените гласови, што ја става општината на границата за победа во првиот круг.
СДСМ обезбеди градоначалнички места во Богданци, Крива Паланка и Кривогаштани. Коалицијата ВЛЕН победи во Арачиново, Желино, Сарај, Чаир и Теарце, додека кандидатите на ДУИ освоија градоначалнички мандати во Гостивар, Липково, Пласница и Чашка.
Изборите не успеаја во три општини – Центар Жупа, Врапчиште и Маврово Ростуше, поради недоволна излезност, бидејќи не гласале најмалку една третина од запишаните избирачи.
Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 2 ноември.