
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упати остра порака до градоначалникот на Крива Паланка, повикувајќи на почитување на законските надлежности и процедурите во врска со долгогодишниот проблем со слободно движните крави во регионот.
Од АХВ потенцираат дека собирањето на стотици грла добиток не може да се направи „преку ноќ“, бидејќи станува збор за сложена постапка што бара логистика, соодветни услови за транспорт и згрижување, како и асистенција од други институции.
Проблемот трае со месеци, а на терен веќе имаше акции на инспекторите со поддршка од полицијата. Наместо мирно прибирање, дел од интервенциите завршија со тензии, расправии и турканици, при што членовите на семејството на поранешниот сопственик ги оттурнуваа животните кон планинските предели за да спречат нивно одземање.
Од вкупно околу 500 грла што се движат без контрола, досега се заловени само десетина во последната акција, додека останатите и понатаму се на ридовите и пасиштата околу Крива Паланка.
АХВ нагласува дека законската надлежност за одземање, контрола и згрижување на добитокот е кај државните институции, а не кај локалната самоуправа, која може да обезбеди само логистичка поддршка.
Во меѓувреме, жителите се жалат на штети на нивите, градините и јавните површини, додека институциите најавуваат дека решението ќе бара време, координација и спроведување на законските процедури.























