
Вкупно 632 македонски државјани досега побарале информации за евакуација од кризните региони на Блискиот Исток. Најголем дел од интересот доаѓа од граѓаните што се наоѓаат во Абу Даби, нивниот број изнесува 447, а властите веќе финализираат технички и логистички детали за нивното враќање со чартер-летови.
Ситуацијата во Израел останува непроменета, шест македонски државјани веќе се евакуирани на сопствен трошок преку комерцијални летови, додека уште шест лица денеска ќе бидат транспортирани копнен пат до Египет, од каде утре ќе се вратат во Скопје со владиниот авион. Министерството за надворешни работи информира дека сите ќе бидат сместени на безбедна локација и во хотел, на товар на државата, додека не се организира летот.
Бројката на граѓани што побарале помош во Доха изнесува 136, додека македонските дипломатско-конзуларни претставништва веќе подготвуваат посебен план за евакуација и на оние што се наоѓаат во Бахреин и Кувајт.
Министерството апелира до сите македонски државјани во Обединетите Арапски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт, кои сè уште не контактирале со надлежните, веднаш да се обратат до дипломатско-конзуларните канцеларии или СОС-бројот на Министерството.























