YouTube објави нова функција со вештачка интелигенција која автоматски ја подобрува резолуцијата на видеата, овозможувајќи старата содржина да изгледа поостро и поквалитетно, особено на телевизори и големи екрани.
Технологијата овозможува зголемување на резолуцијата од стандардна (SD) во висока дефиниција (HD), а во следната фаза – дури и до 4K. Системот не прави разлика меѓу нови и стари видеа, па и оние поставени пред неколку години ќе добијат современ изглед. Новата функција ќе биде достапна не само на ТВ верзијата на YouTube, туку и на мобилни уреди и веб-прелистувачи.
Креаторите ќе имаат можност да изберат дали сакаат да овозможат подобрување со вештачка интелигенција на нивните видеа, а гледачите ќе можат лесно да се префрлат меѓу „AI-зголемена“ и оригинална верзија.
Иако првичните реакции се позитивни, некои тестови покажале дека системот понекогаш создава визуелни грешки, како искривени линии или неправилни форми. Од YouTube велат дека Google активно работи на отстранување на овие проблеми пред пошироката примена на функцијата.
Покрај оваа новина, YouTube најави и подобрувања за ТВ апликацијата: зголемување на големината на сликичките до 50 MB, редизајнирана почетна страница и поинтелигентно пребарување што ги приоретизира резултатите од каналот кој го иницирал пребарувањето.
Додадена е и можност за интерактивно купување преку QR кодови, што им овозможува на корисниците директно да ја отворат страницата на производот додека гледаат видео, соопшти официјалниот блог на YouTube.































