Манастирот „Св. Преображение“ во Крушево, во кој се наоѓа фреската со ликот на Тоше Проески, привлекува туристи од целиот Балкан. Екипата на српскиот „Курир“ неодамна го посети манастирот, кој денес претставува и верска и голема туристичка дестинација, а многумина доаѓаат и да го посетат гробот на легендарниот пејач.

На 18-годишнината од смртта на Тоше, во манастирот беше служен годишен помен, а митрополитот крушевски и демирхисарски Јован го посети и гробот на пејачот, читајќи молитва за покој на неговата душа.
„Тука е мојот мир и знам дека после се ќе завршам тука“, изјави Тоше во едно од своите последни интервјуа, токму во овој манастир, чија обнова беше делумно овозможена благодарение на него.
Српскиот „Курир“ потсети дека порано Македонската православна црква разгледувала можност Тоше да биде прогласен за светител. Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, истакна дека постапката за прогласување светител е строго регулирана и бара време, но дека Тоше заслужува почит и признание за делата што ги направил за својот народ.
Тоше Проески беше голем верник и голем поддржувач на манастирот. Со своите донации и учество во физичките работи, тој имаше значајна улога во обновата на манастирскиот комплекс, кој беше осветен во септември 2023 година. На Фејсбук страницата на манастирот беа објавени фотографии од новиот фрескоживопис, кој денес го краси храмот и ги привлекува посетителите.



























