
Македонските читатели сега можат да уживаат во „Приказни за љубовта“, класичното дело на шпанската писателка Емилија Пардо Басан, преведено на македонски од професорот по шпански јазик, Ненад Велковски. Изданието е објавено од „Каста дива едиторијал“.
Книгата содржи 43 раскази кои, и покрај времето на пишување, остануваат актуелни и денес, истакнуваат од „Каста дива“, единственото специјализирано училиште за шпански јазик во Македонија.
Преведувачот Велковски го опишува делото како трагикомично и романтично, со елементи на сатирично-бурлескна критика, лукавство и надеж. Приказните ја прикажуваат политичката тензија на Шпанија од крајот на 19 век, помеѓу традиционализмот и либерализмот, и ја осветлуваат моралната декаденција на руралната аристократија изолирана од реалноста.























