
Екстремниот топлотен бран што ја зафати Европа создава сцени кои до неодамна изгледаа неверојатно. Во Полска, каде температурите на одделни места се приближуваат до 40 Целзиусови степени, жителите веќе на шега покажуваат дека жештината е доволна и за „готвење“ на отворено.
Во Варшава, жена оставила тава директно на сонце, а по извесно време на неа успеала да испржи јајце. Видеото и фотографиите од необичниот експеримент брзо се проширија на социјалните мрежи и станаа симбол на екстремните горештини што ја погодија земјата.
Полска деновиве е под силен удар на топлотен бран, со температури кои во некои региони се движат кон 40 степени. Жештината предизвикува сериозни проблеми за граѓаните, особено за повозрасните лица, хронично болните и децата.
Иако сцената со јајцето предизвика бројни шеги на интернет, метеоролозите и здравствените власти предупредуваат дека ваквите температури не треба да се потценуваат. Граѓаните се советуваат да избегнуваат директно изложување на сонце во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да ги разладуваат домовите колку што е можно повеќе.
Топлотниот бран што веќе предизвика сериозни последици во делови од Европа сега се шири кон северните и централните земји на континентот. Додека дел од корисниците на социјалните мрежи се шегуваат дека струјата може да се заштеди со „појадок на балкон“, експертите предупредуваат дека екстремните горештини претставуваат реална опасност по здравјето.

















