
Сериозен скандал ја потресе Европа откако во тегла бебешка храна од брендот HiPP во Австрија беше откриено присуство на отров за стаорци, по што веднаш беше издадено итно предупредување и започна масовно повлекување на производите од продажба.
Според информациите од надлежните служби, спорниот примерок потекнува од тегла од 190 грама од видот „морков и компир“, наменета за бебиња постари од пет месеци. Првичниот сигнал дошол од граѓанин кој забележал сомнителен производ, по што лабораториските анализи потврдиле присуство на токсична супстанција.
Поради сериозноста на случајот, властите веднаш наредија повлекување на сите вакви производи од маркетите, особено од синџирите како SPAR, EUROSPAR, INTERSPAR и Maximarkt, каде што биле најмногу дистрибуирани. Истовремено, истата мерка е преземена и во Словачка и Чешка, каде исто така се отстранети производите од продажба.
Од компанијата истакнаа дека не станува збор за проблем во производството, туку за можна надворешна криминална интервенција. Според нив, теглите ја напуштиле фабриката во исправна состојба, а контаминацијата најверојатно се случила подоцна во дистрибутивниот ланец.
Полицијата во Австрија веќе започна истрага, при што не се исклучува можноста за намерно саботирање или дури и обид за изнуда. Дополнително, граѓаните се предупредени да не ги консумираат производите и веднаш да ги вратат во продавниците, при што им е овозможен целосен поврат на средствата, дури и без приложување сметка.
Надлежните институции објавија и конкретни знаци по кои може да се препознае потенцијално опасен производ – тегли со оштетен или веќе отворен капак, недостиг на заштитниот „клик“ при отворање, необичен мирис или специјална ознака (налепница со црвен круг на дното).
Иако досега нема пријавени случаи на труење, експертите предупредуваат дека внесувањето на ваква супстанција може да биде животозагрозувачко, особено кај најмладите. Отровите за стаорци често предизвикуваат сериозни внатрешни крварења, а симптомите може да се појават дури по неколку дена.























