
Продолжувањето на конфликтот во Иран веќе го чувствуваат туристите на Медитеранот, особено во Грција, предупредуваат економисти и туристички експерти. Кризата директно влијае врз цените, достапноста на услугите и интересот за летување, а ефектите се прошируваат низ целиот регион.
Една од главните причини е енергетскиот шок, предизвикан од нарушувањата во снабдувањето со нафта. Затворањето на Ормуски теснец – преку кој минуваат околу 20 проценти од светската нафта – доведе до раст на цените над 100 долари за барел, со можност за дополнително зголемување. Економистот Мохамед Ел-Еријан предупредува дека светот се приближува до „точка на пукање“, со потенцијални цени и до 200 долари за барел.
Во практична смисла, ова се рефлектира преку:
поскапи авионски билети повисоки трошоци за патување со автомобил или автобус раст на цените на сместување и храна
Туристичкиот сектор веќе ги чувствува последиците. Податоците покажуваат опаѓање на резервациите за Медитеранот, а некои дестинации бележат намалување и до 40 проценти. Во Кипар, пак, откажувањата достигнуваат и до 100 проценти.
Иако Грција не е директно погодена од конфликтот, близината на кризата влијае врз перцепцијата на безбедноста, па дел од туристите се пренасочуваат кон дестинации како Шпанија. Засиленото воено присуство во источниот Медитеран дополнително ја зголемува неизвесноста и влијае врз цените на осигурувањето на патувањата.
Организации како OECD предупредуваат дека војната дополнително ја поттикнува инфлацијата, која во развиените економии може да достигне околу 4 проценти. Тоа значи:
поскапи хотелски услуги повисоки цени на храна и пијалаци раст на локалните трошоци и енергенси
За туристите од регионот, особено оние што традиционално летуваат во Грција, ситуацијата станува сè покомплицирана – горивото поскапува, аранжманите стануваат понеизвесни, а буџетите се намалуваат под притисок на инфлацијата.























