Во најновото истражување, научниците предупредуваат дека можеби постои уште еден, досега неоткриен, леден џин во нашиот Сончев систем. Според анализата објавена во Science Alert, постои околу 7 проценти шанса дека таинствената планета се крие во таканаречениот Ортов облак – регион оддалечен десетици илјади пати повеќе од растојанието меѓу Земјата и Сонцето.
„Сосема е веројатно дека нашиот Сончев систем заробил таков свет во Ортовиот облак“, изјави Натан Каиб, коавтор на студијата и истражувач во Институтот за планетарни науки. Тој додава дека ваквите „скриени светови“ се тип на планети кои би требало да постојат, но досега не им е посветено доволно внимание.
Доколку навистина постои, оваа планета најверојатно би била леден џин – сличен на Уран или Нептун. Според научниците, можно е таа да била исфрлена од внатрешниот дел на Сончевиот систем за време на хаотичните гравитациски судири меѓу големите планети, по што завршила во надворешните граници на системот.
„Планетите кои преживеале вакви настани имаат ексцентрични орбити – како лузни од нивното бурно минато“, објаснува Шон Рејмонд од Универзитетот во Бордо, главен автор на истражувањето.
Откривањето на ваков објект е крајно тешко, бидејќи Ортовиот облак е огромен и далечен. „Дури и планета со големина на Нептун таму би била речиси невидлива, дури и со најсовремените телескопи“, вели Малена Рајс, астрономка од MIT.
Научниците се надеваат дека новата генерација на телескопи ќе помогне конечно да се утврди дали навистина постои деветта планета во нашиот систем – откритие кое би можело засекогаш да го промени нашето разбирање за потеклото и структурата на Сончевиот систем.































