Руски експерти предупредуваат дека користењето само една слушалка ја нарушува природната рамнотежа на слухот и со време може да доведе до сериозни оштетувања, вклучувајќи еднострана наглувост. Најризични се лицата што секојдневно ја користат на работа, како оператори во кол-центри.
Според оториноларингологот Владимир Зајцев, човечкиот слух е прилагоден за стереозвук, па едностраното оптоварување создава аномалија што прво предизвикува зуење, а потоа и губење на слухот. Првите симптоми најчесто се појавуваат по околу една година постојана употреба.
Лекарите советуваат нивото на звук во слушалката да биде пониско од бучавата во просторијата и редовно да се менува уво при слушање.
Дополнително, големите слушалки можат да го оштетат скалпот поради притисокот врз коренот на косата, па се препорачува повремено проверување на кожата на главата.
Младите и децата се особено изложени – истражувањата покажуваат дека едно од осум деца има оштетен слух поради гласна музика од слушалки. Безбеден интензитет на звук е до 80 децибели, а над тоа може да биде штетно за само неколку минути.
Стручњаците препорачуваат умерена гласност, ограничено време на слушање и користење слушалки што добро прилегаат, за да се зачува слухот на долг рок.























