УТРО.мк

Грабеж тежок пет милиони евра: Од италијанска винарија исчезнале 30.000 шишиња

Грабеж тежок пет милиони евра: Од италијанска винарија исчезнале 30.000 шишиња
Vero

Околу 30.000 шишиња вино, проценети на пет милиони евра, биле украдени од магацин на познатата италијанска винарија „Маркиези Антинори“ во Тоскана, објавуваат италијанските медиуми.

Кражбата се случила во сабота, додека компанијата подготвувала пратка за клиенти во странство. Се верува дека во неа учествувале најмалку седум маскирани лица, кои ги деактивирале алармите и ги исклучиле безбедносните камери.

Според објавените информации, крадците ги користеле виљушкарите на винаријата за да натоварат два големи камиона. Меѓу украдените вина биле „Тињанело“, „Солаја“ и „Гуадо ал Тасо“, чии цени обично се движат од 150 до 500 евра за шише.

Извршниот директор Ренцо Котарела за „Кориере дела Сера“ оценил дека станува збор за најголемата кражба од ваков вид во Италија. Тој изразил надеж дека камерите на патиштата во Тоскана ќе помогнат во пронаоѓањето на камионите и враќањето барем дел од украдената стока.

Од компанијата се сомневаат дека сторителите биле познавачи на виното и располагале со внатрешни информации, судејќи според изборот на шишињата што ги однеле.

Кражбата била откриена во понеделник наутро, кога вработените дошле на работа. Според објавените информации, засега нема уапсени.

„Маркиези Антинори“, основана во 1385 година, е една од најголемите семејни винарии во Италија. Извезува во 170 земји, а минатата година остварила приходи од 263 милиони евра.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран