
Од денеска, 22 април, во кино салите „Синеплекс“ и во мрежата „Киноверзум“ во Велес, Штип, како и во скопските населби Кисела Вода и Драчево, публиката може да го гледа биографскиот филм „Мајкл“, посветен на животот на легендарниот „крал на поп-музиката“ Мајкл Џексон.
Филмот е во режија на Антоан Фукуа, а зад продукцијата стои Грем Кинг, познат по оскаровецот „Боемска рапсодија“. Главната улога му е доверена на Џафар Џексон, внук на музичката икона и син на Џермејн Џексон, постариот брат на Мајкл.
Во актерската постава се издвојуваат и Колман Доминго, кој го толкува строгиот и влијателен татко Џо Џексон, како и Мајлс Телер во улогата на адвокатот и близок советник на ѕвездата, Џон Бранка.
Иако првичните најави укажуваа дека премиерата ќе се одржи на 3 октомври 2025 година, филмот доживеа одредени промени во постпродукцијата. Завршен е уште во мај 2024, но дел од сцените подоцна биле повторно снимани, а во медиумите се појавија информации дека проектот е структуриран во две филмски целини.
„Мајкл“ се обидува да понуди личен и емотивен портрет на еден од највлијателните уметници во историјата на музиката, следејќи го неговиот пат од раните денови до глобалната слава и статусот на културна икона, како и трајното наследство што го остави зад себе.






















