
Необично топло време ја зафати Европа во последната недела од февруари, со температури значително повисоки од вообичаените за овој период. Главната причина за оваа појава е метеоролошкиот феномен познат како „топлинска купола“, кој овозможува задржување на топол воздух над континентот во подолг временски период.
Станува збор за стабилен систем на висок атмосферски притисок кој создава услови за продор на топол воздух од северозападна Африка кон Европа. Овој топол бран најпрво ги зафати западните делови на континентот, како Шпанија и Франција, каде температурите достигнуваат и до 25 степени Целзиусови. Потоа, топлата воздушна маса постепено се шири кон централните делови на Европа.
Во Франција, Бенелукс и Германија се бележат температури и до 15 степени над просекот, што може да резултира со нови рекорди за овој период од годината. Според метеоролозите, ваквите услови се резултат на таканаречена „омега-блокада“, кога антициклон е позициониран меѓу два циклони, што ги забавува атмосферските струења и овозможува подолго задржување на стабилното и топло време.
Иако „топлинската купола“ најчесто се поврзува со летни горештини, таа може да се појави и во зимските месеци, носејќи пролетни температури многу порано од очекуваното.
Со придвижувањето на топлата маса кон исток, затоплувањето постепено ќе го зафати и Балканот. Во Македонија се очекува постепен пораст на температурите кон крајот на февруари и почетокот на март, со вредности над просекот за сезоната. Сепак, утринските температури ќе останат ниски, а разликите меѓу дневните и ноќните вредности ќе бидат изразени.
Метеоролозите предупредуваат дека ваквото нагло затоплување може да доведе до побрзо топење на снегот во планинските предели и појава на локални поплави. Дополнително, можно е присуство на честички од сахарски песок во атмосферата, што може привремено да ја намали видливоста и да предизвика заматено небо.























