
Во ноќта меѓу сабота и недела, на 25 октомври, часовниците се поместуваат еден час наназад – од 3 на 2 часот. Со тоа започнува зимското сметање на времето, кое носи можност за еден час повеќе сон, но и порано стемнување.
Токму стандардното, односно зимското време, според научна анализа објавена во „Canadian Medical Association Journal“, би било поповолен избор за здравјето доколку се применува во текот на целата година.
Истражувачите од Универзитетот на Британска Колумбија ги разгледале досегашните истражувања за влијанието на сметањето на времето врз организмот. Како главна предност ја издвојуваат утринската дневна светлина, која му помага на биолошкиот часовник да се усогласи со природниот ритам на денот и ноќта.
Повеќе светлина во вечерните часови, пак, може да го одложи заспивањето. Според анализата, постојаното летно време би можело неповолно да влијае врз времетраењето и квалитетот на сонот, особено во зимските месеци.
Патрик Бејлис од Универзитетот на Британска Колумбија посочува дека луѓето сакаат повеќе дневна светлина по работата или училиштето. Сепак, истражувањата што ги разгледува анализата го поврзуваат подоцнежното изгрејсонце со пократок сон, послаба продуктивност и полоши училишни резултати.
При трајно летно сметање на времето, зимското изгрејсонце би било еден час подоцна според часовникот. Тоа би значело повеќе утрински патувања до училиштата и работните места во темнина.
Наодите се однесуваат на предностите на постојаното стандардно време во споредба со постојаното летно време, а не на здравствена корист од самото сезонско поместување на часовниците.























