Во преполната сала во Солун се одржа вториот концерт од соработката меѓу Македонската, Софиската филхармонија и Државниот оркестар од Солун. Под диригентската палка на Михалис Иконому, на сцената настапија околу 200 уметници – оркестар, хорови и солисти, кои ја изведоа моќната кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. Концертот беше проследен со стоечки овации, а на бис се изведе „О фортуна“.
Нашата сопранистка Ана Дурловски беше вистинска ѕвезда на вечерта – „вонземна“, како што изјави виолинистот и концерт-мајстор Владимир Костов, кој изрази надеж дека оваа културна соработка ќе продолжи и ќе го видиме концертот и во Скопје. На сцената настапија и бугарскиот баритон Иво Јорданов и грчкиот контратенор Николас Спанос.
„Сонуваме за свет со повеќе инструменти, а помалку оружје“, рече Симос Папанас, директорот на солунскиот оркестар, испраќајќи силна порака на почетокот на настанот.
Проф. Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик, која присуствуваше на концертот, напиша: „Каков раскош среде Солун! Само музиката може да гради пријателства што политиката не може.“
Оваа изведба е втора по премиерата во Софија во февруари. Според Македонската филхармонија, главен „виновник“ за оваа уметничка синергија е маестро Најден Тодоров, кој долго ја негувал идејата за обединување на трите оркестри.
„Кармина Бурана“, со својата силна оркестрација, древни текстови и ритмичка експлозивност, е едно од највлијателните музички дела на 20 век. Компонирана од Карл Орф, инспирирана од средновековната антологија „Codex Buranus“, кантатата ја слави радоста, страста и минливоста на животот – и денес, со истата моќ, ги освојува срцата на публиката.