УТРО.мк

Мицкоски: Заливот на коските добива нов сјај, инвестициите во културниот туризам продолжуваат

Мицкоски: Заливот на коските добива нов сјај, инвестициите во културниот туризам продолжуваат
Vero

Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште, еден од најпознатите и најдоходовни културно-туристички локалитети во земјата, доби целосна реконструкција и нов изглед. Проектот беше промовиран од премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министрите за култура и туризам Зоран Љутков, за транспорт Александар Николоски, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков и пратеници во Собранието.

Реконструкцијата опфати реставрација на наколната палафитна населба, изложбениот простор, санитарните јазли, осветлувањето, вентилацијата, а наскоро ќе се имплементира и систем за наводнување на локалитетот. Вкупната инвестиција досега изнесува 15 милиони денари, со најави за дополнителни вложувања.

„Овој објект и населбата се симбол на богато културно наследство и токму тоа е причината поради која туристите ја посетуваат Македонија. Ова е пример како успешната соработка меѓу централната и локалната власт дава конкретни резултати,“ истакна премиерот Мицкоски.

Министерот Љутков посочи дека затекнал руиниран локалитет, но по спроведената санација, Музејот на вода повторно блеска. Тој нагласи дека ќе продолжат инвестициите во слични содржини ширум Охрид.

Градоначалникот Пецаков додаде дека Охрид изминативе недели бележи низа значајни инфраструктурни зафати и дека оваа реконструкција е само почеток на еден поширок развоен план за градот.

Проектот е дел од стратегијата на Владата и НУ „Завод и музеј – Охрид“ за зачувување и унапредување на културното наследство и поттикнување на развојот на туризмот во регионот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран