Македонската филхармонија вечерва ќе настапи во Солун на заедничка изведба на сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, заедно со Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун.
Концертот ќе се одржи од 21 часот во концертната сала во Солун. Настапот ќе го води диригентот Михалис Иконому од Грција, а како солисти ќе се претстават македонската сопранистка Ана Дурловски, бугарскиот баритон Иво Јорданов и грчкиот контратенор Николас Спанос.
Ова претставува втора изведба на кантатата по премиерата во Софија во февруари.
По повод настапот, од Македонската филхармонија велат:
„Кармина Бурана е едно од најголемите музичко-сценски дела што има статус на музички ‘бестселер’ на 20 век и со своето извонредно влијание врз слушателите ги освои срцата на сите генерации.
Композиторот Карл Орф го создаде ова иконично дело, инспирирано од средновековната поетска антологија Codex Buranus. Премиерата во 1937 година во Германија предизвика сензација и го означи почетокот на светскиот триумф на оваа кантата. ‘Кармина Бурана’ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата кои ги носи животот“.