
Ирска со проценета продуктивност од околу 151 долар по работен час (изразено во куповна моќ) се издвојува како апсолутен лидер меѓу развиените економии, оставајќи ги другите држави значително зад себе. Податоците од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) укажуваат на јаз кој на врвот станува сè поизразен – ирската економија создава и над 50% поголема вредност по работен час во споредба со повеќето западни земји.
Но, зад оваа импресивна бројка се крие слика што е далеку покомплексна од класичната претстава за „најпродуктивни работници“. Економистите предупредуваат дека дел од резултатот е статистички засилен од начинот на кој мултинационалните компании ги распределуваат профитите, особено во Ирска, каде што се лоцирани голем број европски централи на технолошки и фармацевтски гиганти.
Кога продуктивноста се мери преку бруто национален доход наместо бруто домашен производ, ирската бројка паѓа за околу 31%, спуштајќи се на приближно 115 долари по час. Оваа разлика укажува дека дел од создадената вредност не се „раѓа“ целосно во реалната домашна економска активност.
Слична приказна, иако во различен контекст, се забележува и кај други врвни економии. Норвешка, со околу 132 долари по час, ја црпи својата сила од енергетскиот сектор, додека Луксембург, со приближно 125 долари, се потпира на силно развиената финансиска индустрија. Во случајот на Луксембург, ефектот на глобалните корпорации е уште поизразен: кога се користи бруто националниот доход, продуктивноста се намалува дури за 54%.
Сликата станува појасна кога се направи поширока споредба. Економии како САД (околу 97 долари по час) и Германија (околу 88 долари) се наоѓаат над просекот на ОЕЦД, кој изнесува приближно 71 долар. Нивната позиција се должи на силна индустриска база, иновации и високотехнолошки сектори.
На другиот крај од спектарот се земјите чии економии повеќе се потпираат на туризам, земјоделство или ниско додадени услуги, каде продуктивноста по работен час е значително пониска. Таму, ограничениот пристап до капитално интензивни и технолошки напредни индустрии директно се одразува врз вкупната економска ефикасност.
Вкупната слика, според „Визуел Капиталист“, не е само приказ на тоа каде работниците „создаваат најмногу вредност“, туку и одраз на тоа како глобалните компании, индустриската структура и сметководствените методи можат значително да ја променат перцепцијата за продуктивноста меѓу државите.























