УТРО.мк

Виното од Македонија во подем, но малите винарии имаат предизвик да пристапат кон пазарот

Виното од Македонија во подем, но малите винарии имаат предизвик да пристапат кон пазарот
Vero

Македонија денес брои повеќе винарии отколку кога било досега. Бројката се движи околу 250 регистрирани производители, а „винската мапа“ секоја година се проширува со нови семејни визби и мали ентузијасти што влегуваат во бизнисот со амбиција, идентитет и јасна визија. На хартија – успешна приказна. Во пракса – многу покомплицирана.

Зашто, додека производството расте, домашниот пазар останува тесен, чувствителен и селективен. Куповната моќ е ограничена, навиките се бавно променливи, а бројот на нови етикети одамна ја надмина реалната побарувачка. Тоа создава притисок што најпрво го чувствуваат токму малите винарии – оние што немаат обем, маркетинг-буџети и долгорочни договори зад себе.

Клучниот проблем, како што го опишуваат производителите, не е во квалитетот на виното, туку во пристапот. Кој стигнува до полица, кој влегува на винска карта и кој може да обезбеди континуирано присуство во големата малопродажба и угостителството? Одговорот, велат малите визби, ретко зависи од вкусот во чашата, а многу почесто од комерцијалната моќ зад брендот.

Домашниот пазар, иако формално „слободен“, функционира со високо ниво на концентрација. Неколку доминантни играчи го контролираат просторот, а видливоста сè почесто се купува преку ексклузивитети, промоции и обврзувачки договори. Во таков систем, новите и малите етикети тешко добиваат шанса – не затоа што не се добри, туку затоа што не се доволно „исплатливи“.

Во европските земји, ваквите ситуации се третираат како прашање на пазарна рамнотежа. Целта не е да се казни големиот, туку да се заштити изборот и конкуренцијата. Кај нас, пак, институционалната улога речиси и да не се чувствува, па малите визби сè почесто зборуваат за затворен круг во кој влезот е речиси невозможен без сериозни отстапки.

Дел од производителите затоа го бараат излезот надвор од државата. Извозот станува логичен, а понекогаш и единствен пат. Таков пример е „Езимит вино“, визба со повеќедецениско искуство, која целосно го насочила своето производство кон странските пазари, со исклучок на ограничена онлајн-продажба во земјава.

„Малите винарии се ставени во подредена позиција од доминантните брендови,“ вели Зоранчо Митровски, сопственик и директор на „Езимит вино“. „Државата инвестираше во отворање на мали визби, во приказната за семејно производство и вински туризам. Но пазарните услови не ја поддржуваат таа стратегија. Пари за старт имаше, но механизми за опстанок – не.“

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран