Премиерот Христијан Мицкоски најави ново линеарно зголемување на пензиите за сите пензионери во наредните шест месеци. Во гостување во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, тој рече дека Владата работи на анализа за исплата на дополнителни 2.000 денари – по 1.000 денари во октомври и 1.000 денари во април.
„Правиме проценка за тоа колкаво ќе биде процентуалното зголемување и колкава ќе биде вкупната сума, која ќе се подели линеарно меѓу сите пензионери“, изјави Мицкоски.
Тој објасни дека Владата сериозно се ангажирала во подготовката на оваа мерка, која треба да се реализира пред распишувањето на изборите – преку закон со скратена постапка или преку група пратеници.
„Каде и да одам, пензионерите бараат линеарно зголемување. Затоа сме многу блиску до носење на ваква одлука“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека оваа мерка ќе биде директна помош за највозрасните граѓани.