УТРО.мк

Николоски најавува градежна офанзива: Силни економски врски со Турција и милионски инвестиции во инфраструктурата

Николоски најавува градежна офанзива: Силни економски врски со Турција и милионски инвестиции во инфраструктурата
Vero

Вицепремиерот и министер за транспор Александар Николоски најави силен инвестициски циклус во патната и железничката инфраструктура, оценувајќи дека Македонија има историска шанса да се позиционира како значаен транспортен и логистички центар на Балканот.

Во гостувањето во емисијата „Тема на денот“, Николоски истакна дека Владата активно работи на продлабочување на економската соработка со Турција, со цел трговската размена меѓу двете земји да се зголеми од сегашните 900 милиони на 2 милијарди долари.

Тој посочи дека неодамнешниот бизнис форум во Истанбул бил исклучително успешен, со учество на повеќе од 200 компании од двете земји, а како потврда за добрите односи ја наведе и официјалната посета на премиерот Христијан Мицкоски на Турција.

„Турските компании покажуваат сериозен интерес за инвестирање во Македонија, особено поради договорите за слободна трговија што ги имаме со Европската Унија и Соединетите Американски Држави“, рече Николоски.

Тој најави дека од 2 јули ќе започне да функционира директната авиолинија Анкара–Скопје преку компанијата „Аџет“, без државни субвенции, а договорено е и воспоставување карго поврзување кое дополнително ќе ја засили трговската размена.

Во железничкиот сектор, министерот информираше дека карго транспортот бележи раст од 23 проценти во количината на пренесена стока и 18 проценти во финансиските показатели во првите три месеци од годинава.

Според него, наскоро во функција ќе биде ставена и целосно електрифицираната карго обиколница Драчево–Миладиновци, што ќе овозможи товарните возови да го заобиколуваат Скопје, со што ќе се намалат загадувањето и времето на транспорт.

Николоски најави и дека наесен треба да започне изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, на потегот од Куманово до Гевгелија, проект кој, како што рече, ќе ја зацврсти позицијата на Македонија како клучна транзитна рута во регионот.

Во делот на патната инфраструктура, тој потврди дека македонскиот конзорциум предводен од „Гранит“ е избран за изведувач на автопатската делница Скопје–Блаце, проект вреден околу 200 милиони евра.

„Станува збор за исклучително сложен проект со тунели, мостови и галерии, кој ќе се реализира според највисоките стандарди и со поддршка од ЕБРД“, истакна Николоски.

Осврнувајќи се на критиките од опозицијата, тој ги отфрли обвинувањата за намерно одложување на проектот, нагласувајќи дека сите постапки биле спроведени законски и транспарентно.

Министерот најави и нови капитални инвестиции, меѓу кои експресниот пат Куманово–Страцин, целосно пуштање во употреба на автопатот Кичево–Охрид во првиот квартал од следната година, како и подготовка на нови експресни решенија на правците Кочани–Виница–Делчево и Радовиш–Струмица.

Во однос на политичките случувања, Николоски оцени дека стабилното парламентарно мнозинство обезбедува услови за реализација на долгорочните инфраструктурни проекти, додавајќи дека одлуките поврзани со најавената владина реконструкција се во надлежност на премиерот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin