УТРО.мк

Народната банка ја задржа основната каматна стапка на 4%

Народната банка ја задржа основната каматна стапка на 4%
Vero

Народната банка реши да не ја менува насоката на монетарната политика и да ја задржи основната каматна стапка на постојното ниво од 4 отсто, оценувајќи дека економските услови и натаму бараат претпазливост. Одлуката беше донесена на редовната седница на Извршниот одбор, на која беа анализирани најновите домашни и глобални економски трендови, како и движењата на финансиските пазари.

Во рамки на одлуката, Народната банка најави дека на аукцијата на благајнички записи закажана за 11 февруари ќе понуди 54 милијарди денари, додека износите на наредните аукции ќе зависат од неделните проекции за ликвидноста на банкарскиот систем.

Од централната банка посочуваат дека задржувањето на внимателниот пристап е условено од неколку фактори: инфлацијата, која сè уште се движи над историскиот просек, силната кредитна активност, домашните политики што ја поттикнуваат побарувачката, како и зголемената неизвесност на меѓународната сцена, поврзана со трговските политики и геополитичките тензии.

„Целта е инфлацијата одржливо да се стабилизира на ниво блиско до долгорочниот просек, при што веќе преземените мерки – измените кај задолжителната резерва, макропрудентните инструменти и управувањето со системските ризици – треба дополнително да ја зајакнат ефикасноста на монетарната политика“, велат од Народната банка. Според нив, комбинираното дејство на овие инструменти ќе придонесе за стабилен девизен курс и ценовна стабилност на среден рок.

Просечната инфлација во текот на 2025 година изнесувала 4,1 отсто, под влијание на ценовните движења кај базичната и прехранбената компонента. Иако таа е во рамки на октомвриските проекции, централната банка нагласува дека инфлациските притисоци сè уште не се целосно надминати.

Дополнителен извор на ризик претставуваат и најновите проекции за цените на примарните производи на светските берзи, кои во најголем дел се ревидирани нагоре. Ова, заедно со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка, создава неизвесност околу идната динамика на инфлацијата.

Во делот на надворешната стабилност, Народната банка информира дека девизните резерви на крајот од јануари 2026 година достигнале 5,6 милијарди евра, што е повисоко ниво во однос на крајот на минатата година и, според меѓународните стандарди, обезбедува солидна заштита на стабилноста на денарот. Сепак, податоците од менувачкиот пазар укажуваат дека приливите од приватните трансфери во јануари се нешто пониски од очекувањата за првиот квартал, додека трговскиот дефицит во последниот квартал од 2025 година е малку над проекциите.

Економската активност, пак, покажува знаци на зајакнување. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на бруто-домашниот производ достигнал 3,8 отсто на годишна основа, што е над претходните оценки. Првичните индикатори за последниот квартал упатуваат на продолжување, па дури и благо забрзување на растот, иако глобалната неизвесност останува најголемиот надворешен ризик. На домашен план, клучна улога ќе има динамиката на реализација на инфраструктурните проекти.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран