
Се одржа 57. сесија на Клубот на истражувачите при Народната банка, платформа која веќе 13 години ги промовира и поддржува научноистражувачките активности во земјава. Овој пат вниманието беше насочено кон еден од најактуелните прашања во македонската економија – финансиската ранливост на домаќинствата кои користат кредити од банки и штедилници.
На сесијата беше претставен трудот на Кирил Симеоновски, со наслов „Анализа на финансиската ранливост на домаќинствата кредитокорисници кај банките и штедилниците во македонската економија“. Директорката на Секторот за монетарната политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан, ја отвори сесијата и нагласи дека темата е од особена важност во услови на економска неизвесност, растечки трошоци за живот и флуктуации во финансиските услови. Таа потенцираше дека разбирањето на способноста на домаќинствата за навремено отплаќање на нивните обврски е клучно не само за благосостојбата на поединецот, туку и за стабилноста на целиот финансиски систем.
Симеоновски предлага рамка за анализа на ранливоста на македонските домаќинства кои користат кредитни производи, при што ја применува методологијата базирана на ликвидност. Клучните индикатори во истражувањето се ДСТИ (debt service-to-income) и релативната финансиска маргина, со утврдени прагови според домашните регулативи и економската литература. Рамката овозможува и сценаријска анализа на финансиската отпорност на домаќинствата преку симулирање макроекономски шокови и нивниот ефект врз солвентноста на банкарскиот систем.























