УТРО.мк

Мукаетов: Долгорочната стратегија ја трансформираше „Алкалоид“ во европски играч

Мукаетов: Долгорочната стратегија ја трансформираше „Алкалоид“ во европски играч
Vero

На овогодишниот самит на „Македонија 2025“, деловната елита од Југоисточна Европа отвори поширока дискусија за тоа што навистина значи премин од регионален потенцијал во глобално конкурентна економска реалност. Во фокусот беа системските промени што им се потребни на компаниите за да растат побрзо, да се интернационализираат и да се носат со сè поострата глобална конкуренција.

Една од централните пораки што се провлекуваше низ сите панели беше дека локалните деловни практики мора да отстапат место на меѓународни стандарди ако компаниите од регионот сакаат да се позиционираат на светските пазари. Посебно внимание беше посветено на иновациите, конкурентноста и хроничниот предизвик – одливот на таленти, кој сè повеќе го ограничува развојниот капацитет на економиите во регионот.

Во таа насока, беше истакната и трансформацијата на Алкалоид, која во последните децении прерасна од регионален производител во компанија со сериозно глобално присуство во фармацевтската индустрија. Нејзиниот развоен пат беше претставен како пример за долгорочна стратегија заснована на инвестиции во производство, истражување и развој, модерни технологии и ширење на странски пазари.

Од менаџментот на компанијата беше нагласено дека пресвртницата во интернационализацијата започнала со крупни вложувања во нови производствени капацитети во почетокот на 2000-тите, а продолжила со клучниот чекор во 2007 година, кога компанијата ги усогласила своите процеси со строгите ЕУ-ГМП стандарди и ги добила првите дозволи за пласман на лекови во Европската Унија. Денес, портфолиото на компанијата вклучува над илјада маркетиншки авторизации за лекови на европските пазари, што ја позиционира како сериозен играч во регулаторно комплексна индустрија.

Се посочи и дека фармацевтскиот сегмент доминира во вкупните приходи на компанијата, при што значаен удел има производството на цефиксим – полусинтетски цефалоспорин, каде компанијата се издвојува како еден од водечките производители во Европа и Евроазија според обемот на производство.

Покрај деловната експанзија, силен акцент беше ставен и на човечкиот капитал. Панелистите предупредија дека регионот се соочува со структурен проблем на недостиг од квалификувана работна сила, делумно поради емиграцијата и несоодветното усогласување на образовните системи со потребите на современата економија.

Во тој контекст беше истакнато дека компанијата вложува во сопствени образовни и развојни програми: од интерни академии и практикантски шеми до дуално образование и стипендии за студенти по медицина и фармација. Целта, како што беше нагласено, не е само да се обезбеди кадар, туку и да се задржи и развие талентот во земјата, бидејќи човечките ресурси се сметаат за клучен дел од долгорочната деловна стратегија.

Самитот, организиран од Македонија 2025, уште еднаш ја отвори дилемата што ја следи економијата на регионот со години: како од расцепкан потенцијал да се создадат скалабилни, одржливи и меѓународно конкурентни резултати.

Во панел-дискусијата „Од потенцијал до перформанси: може ли регионот да скалира?“, покрај претставникот на Алкалоид, учествуваа и високи претставници од финансискиот и корпоративниот сектор, меѓу кои и раководни лица од Виза, Пивара Скопје, како и регионални инвестициски и корпоративни групации.

Главниот заклучок од дискусијата беше дека идниот економски скок на регионот ќе зависи не само од капитал и технологија, туку и од способноста да се задржат луѓето, да се прифатат глобалните правила на игра и да се гради култура на континуирана трансформација.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран