УТРО.мк

Мицкоски: Засега нема намалување на акцизата за дизел

Мицкоски: Засега нема намалување на акцизата за дизел
Vero

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата засега не планира интервенција во висината на акцизите за дизел-горивото, посочувајќи дека вниманието е насочено кон тековните разговори со компанијата ОКТА за евентуално продолжување на постојниот попуст.

Според него, секоја евентуална одлука ќе зависи од движењето на цените на нафтените деривати во текот на втората половина од април. Доколку тие останат на повисоко ниво, над 1.200 долари по тон, ќе се разгледаат законските можности за прилагодување на акцизната политика.

Мицкоски нагласи дека домашните цени на горивата сè уште се пониски во споредба со некои земји од регионот, како Грција, Албанија и Србија, оценувајќи дека тоа е резултат на, како што рече, внимателно поставени економски политики. Тој додаде дека Владата останува фокусирана на зачувување на стабилноста и заштита на животниот стандард.

Осврнувајќи се на буџетските движења, премиерот посочи дека почетокот на годината традиционално носи побавна реализација, но дека тековните показатели се во рамки на планираното. Приходите и расходите, според него, се движат стабилно, додека реализацијата на капиталните инвестиции достигнува околу 35 проценти.

Во делот на даночните приходи, тој информираше за раст кај повеќе категории, вклучително и данокот на добивка и персоналниот данок на доход, како и умерено зголемување на приходите од ДДВ.

Во политички контекст, Мицкоски упати критики кон опозицијата, обвинувајќи ја дека пласира неточни информации и води кампањи базирани на ПР-стратегии. Тој истакна дека Владата нема намера да носи одлуки под притисок на популизам, туку ќе се раководи од долгорочните интереси на државата.

Премиерот потенцираше дека реформските активности продолжуваат, со фокус на енергетиката, инфраструктурата и законодавните измени, при што секоја мерка треба да има конкретен ефект врз подобрување на животниот стандард.

На крајот, порача дека економската политика ќе остане насочена кон стабилност и предвидливост, нагласувајќи дека управувањето со државата бара систематичен пристап и одговорност, а не импровизации.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран