
Инфлацијата во август изнесува 2,6 отсто на годишно ниво, што според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска е потврда за стабилизирањето на економските текови и задржувањето на позитивните трендови во економијата.
Димитриеска-Кочоска посочува дека по стапката на инфлација од 5,7 отсто во април, 4,8 отсто во мај, 3,4 отсто во јуни и 2,3 отсто во јули, во август е забележано ниво од 2,6 отсто.
„Особено значајно е што стабилизирањето на цените на храната придонесува за смирување на вкупните ценовни притисоци, а инфлацијата на храната е пониска од вкупната стапка на инфлација“, наведува министерката.
Според неа, позитивните показатели се надополнети и со растот на македонската економија од 4,3 отсто во вториот квартал, што, како што оценува, покажува дека економијата се движи во позитивна насока.
Димитриеска-Кочоска додава дека Министерството за финансии продолжува внимателно да ги следи економските движења и да креира политики насочени кон заштита на животниот стандард, одржување на економската стабилност и создавање услови за понатамошен економски раст.

















