По налог на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје воведе сет активни мерки за подобрување на услугата и намалување на поплаките од потрошувачите. Процентот на отчитување на броилата е зголемен на 95 проценти на тримесечно ниво и 90 проценти на месечно ниво.
Како дел од мерките, таргетирани се околу 10.000 потрошувачи кои во изминатите две години поднеле приговори за фактури, со кои е воспоставена етапна телефонска комуникација. Во пресрет на зимскиот период, на иницијатива на РКЕ беше одржан координативен состанок со раководството на Електродистрибуција, на кој беа презентирани чекорите за подобрување на двонасочната комуникација и зајакнување на довербата и транспарентноста.
Регулаторите нагласија дека особено е важно редовното отчитување во првите недели од јануари. Од Електродистрибуција информираа дека поради искуствата од претходната година, се формирани вонредни екипи кои ќе вршат отчитување и за време на викендите и празниците, со цел граѓаните да добиваат сметки со реална, а не проценета потрошувачка.
Од 1 декември годинава проширени се и дигиталните услуги за корисниците, вклучително и новата можност за онлајн корекција на фактура, како и поддршка за креирање кориснички профили. И понатаму се достапни услугите „Пријави состојба“, „Е-фактура“ и јасната ознака на фактурите дали состојбата е отчитана или проценета.
РКЕ и Електродистрибуција упатија апел до потрошувачите за одговорно користење на електричната енергија во текот на зимскиот период.



























