УТРО.мк

АЕК наскоро ќе го открие изборот на третиот мобилен оператор

АЕК наскоро ќе го открие изборот на третиот мобилен оператор
Vero
aek
aek

Денеска Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) треба да ја објави одлуката за избор на најповолен понудувач за тендерот кој ќе донесе трет мобилен оператор на македонскиот пазар. Потегот следува по продолжувањето на роковите од тендерската документација на 24 ноември минатата година, по барање на единствениот заинтересиран – компанијата „Оне Македонија телекомуникации“, дел од унгарската Групација „4иГ“.

Според последната одлука на АЕК, крајниот рок за доделување на одобрение за користење радиофреквенции е 25 февруари 2026 година. Очекувањата се дека официјалниот влез на новиот оператор на пазарот ќе се случи на почетокот на следната година, со што значително ќе се зајакне конкуренцијата во секторот мобилни услуги – аспект што Европската комисија редовно го нотира како потребен во извештаите за напредокот на земјата.

Процесот за воведување на трет оператор започна минатата година, кога на 17 декември 2024 година „4iG Group“, преку својата македонска подружница, достави писмо за намери до АЕК, изразувајќи интерес за добивање на радиофреквенции како основа за влез на македонскиот пазар. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски оцени дека влегувањето на „4iG“ ќе ја разниша доминацијата на двата постојни оператори и ќе доведе до пониски цени за корисниците.

Јавната расправа за тендерот започна на 22 април 2025 година и резултираше со писма за искажување интерес од ОНЕ Македонија Телекомуникации, Битстрим Мобиле и е&ппф Телеком Груп Б.В. На 19 јули 2025 година АЕК распиша тендер за доделување одобренија за радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz. Почетната цена за одобрението А1 е 4,2 милиони евра, за Б1 1,5 милиони, а за C1 2,32 милиони евра. Одобренијата А1 и C1 ќе важат до 2037 година, додека одобрението В1 ќе има рок од 8 години, до 2033, за да се усогласи со постојните дозволи на другите оператори.

Денешниот македонски мобилен пазар го сочинуваат „Македонски Телеком АД Скопје“ и „А1 Македонија ДООЕЛ Скопје“, како и виртуелните оператори „Лајкамобајл“, „МТЕЛ“, „РОБИ“ и „Греен Телекомуникации“. Според податоците на АЕК за третото тримесечје од 2025 година, бројот на активни претплатници изнесува 2.105.467, при што резиденцијалните припеид претплатници се 833.089, резиденцијалните постпеид 1.024.072, а деловните постпеид 248.306.

Во однос на пазарниот удел, А1 Македонија има 47,41%, а Македонски Телеком 46,68%, додека виртуелните оператори се со значително помал удел: М ТЕЛ 4,55%, Телекабел 1,27%, и Греен мобиле 0,10%. Слична е и распределбата на приходите од мобилни услуги – Македонски Телеком 49,49%, А1 Македонија 48,58%, додека останатите оператори заедно не достигнуваат 3%. Пристап до мобилен интернет (2G/3G/4G) имаат 1.781.697 претплатници.

Uslugi
Dijamant Lotarija
Uslugi
Loto & Dzoker
Uslugi
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Uslugi
Филигран