УТРО.мк

За осомничен од Брвеница се бара притвор – Ќе се гони за дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години

За осомничен од Брвеница се бара притвор – Ќе се гони за дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години
Vero

Охридската полиција поднесе кривична пријава против 53-годишниот Ж.Г. од тетовското село Брвеница, осомничен за убиството на 76-годишниот Климе Митрески од Охрид. Делото е квалификувано како „Убиство“ по член 123 од Кривичниот законик, а Основното јавно обвинителство Охрид веќе донесе наредба за спроведување истражна постапка.

Според информациите од Обвинителството, злосторството било извршено на 25 март во домот на жртвата, со мотив користољубие. Осомничениот, кој имал склучено договор за доживотна издршка со Митрески во февруари 2025 година, реагирал насилно откако дознал дека оштетениот презема чекори за раскинување на договорот, со што би останал без имотот што требало да го наследи.

По вербална расправија, осомничениот го нападнал Митрески од зад грб, го соборил на подот и повеќепати го удирал во пределот на главата. Потоа, со рака му го затворил носот и устата, предизвикувајќи задушување. Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото на настанот.

Од Обвинителството информираат дека клучни докази се обезбедени преку видеонадзор во куќата на жртвата, како и од други локации кои го следат движењето на осомничениот. Дополнително, посочуваат дека постојат индиции за обиди за прикривање на трагите по извршувањето на делото.

Поради тежината на кривичното дело, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, јавниот обвинител побарал определување мерка притвор. Како причини се наведуваат опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и уништување на докази.

Од СВР Охрид соопштија дека по распишана централна потерница, осомничениот бил пронајден и уапсен на 26 март во селото Брвеница од страна на полициски службеници од СВР Тетово.

На местото на настанот бил извршен увид од јавен обвинител и полициски екипи, додека лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. По наредба на обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција.

Според полицијата, против осомничениот и претходно била поднесена кривична пријава за говор на омраза на социјални мрежи, случај кој бил расчистен од надлежните институции.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран