
Поранешниот вицепремиер Артан Груби денеска беше спроведен во суд откако претходно помина околу шест часа на распит во скопското Обвинителство. Тој не даде никаква изјава ниту одговори на новинарските прашања, и покрај интересот на медиумите за причините за неговото враќање во земјата и за неговата евентуална одговорност.
Груби беше изведен од Обвинителството со лисици на рацете, придружуван од затворска полиција, по што беше пренесен со полициско возило кон судот. И пред судската зграда, како и претходно, остана без коментар на поставените прашања.
Се очекува тој да биде сослушан пред судија на претходна постапка, кој ќе одлучува за мерките што ќе бидат определени против него. Од Обвинителството засега нема официјална информација дали ќе се инсистира на ефективен притвор или ќе се предложи поблага мерка, имајќи предвид дека Груби сам се врати во државата и истрагата е веќе завршена.
Случајот се однесува на сомнежи дека, како раководител на владина седница, одобрил барање за јавна набавка на ВЛТ-терминали од страна на Државна лотарија, иако институцијата немала законско право самостојно да организира игри на среќа. Во предметот, тој е осомничен за кривично дело „проневера во службата“.
Постапката беше отворена откако Стејт департмент на САД го стави Груби на таканаречената „црна листа“, поради сомнежи за коруптивни активности и влијание врз судски процеси поврзани со поранешниот директор на тајните служби Сашо Мијалков.
Одлуката за тоа дали Груби ќе заврши во притвор или ќе му бидат определени поблаги мерки, како куќен притвор или други ограничувања, ќе ја донесе судијата на претходна постапка, врз основа на проценката за ризик од бегство и можноста за влијание врз истрагата.
Груби беше прв вицепремиер во владината коалиција на СДСМ и ДУИ и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, а во повеќе наврати ја извршуваше и функцијата претседавач со Владата во отсуство на премиерот.























