
Полициски службеници од ОВР Крива Паланка вчера околу 11:30 часот го лишиле од слобода Н.Д. (45) од Скопје поради сомнение дека се обидел да изврши кривично дело измама.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот започнал кога непознато лице телефонски контактирало повозрасна жена од Крива Паланка, претставувајќи се како лекар од Италија. Тој ја известил дека нејзината ќерка наводно паднала во Италија и се здобила со повеќе скршеници на ногата и вилицата, поради што биле потребни 35.000 евра за итна операција.
Жената му објаснила дека не располага со толкава сума пари, по што се договорила да ги предаде сите средства што ги има во својот дом. Сепак, пред да ја реализира исплатата, таа се консултирала со својот зет, кој ја посоветувал веднаш да ја извести полицијата.
По пријавата, полициски службеници презеле мерки и активности и го затекнале осомничениот во близина на домот на жената, по што бил приведен.
Од МВР информираат дека лицето е задржано во полициска станица и дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

















