Страшна сообраќајна несреќа се случи денес околу 16 часот на автопатот од Тетово кон Скопје, при што животите ги загубија три лица, а едно дете е хоспитализирано со повреди.
Според првичните информации од СВР Тетово, несреќата се случила при судир помеѓу патничко возило марка „Опел“ со тетовски таблички и автобус. Двајца од патниците – маж и жена – починале на самото место, а уште една жена им подлегнала на повредите во Клиничката болница во Тетово.
Повредено дете, кое било во возилото, е пренесено во болница, каде му се укажува лекарска помош.
На местото на трагедијата веднаш интервенираа екипи на полицијата, противпожарната служба и јавен обвинител, а увидот е во тек. Од СВР Тетово најавуваат повеќе детали откако ќе заврши истрагата и ќе се документира целиот случај.
Несреќата предизвика застој на сообраќајот и шок кај очевидците, кои сведочат за сцена која „не се заборава“.