Тројца жители на селото Жидилово – татко и неговите две ќерки – добија мерка притвор од осум дена по акцијата на полицијата во кривапаланечкото село Трново. Случајот е поврзан со нивното стадо од над 500 крави и серијата инциденти кои, според обвинителството, со месеци создаваат немир кај локалното население.
Според информациите од МВР, приведувањето е извршено на 2 декември 2025 година, околу 16 часот, на локацијата „Самоков“. Лицата Г.Ѓ. (57) и неговите ќерки А.Ѓ. (30) и А.Ѓ. (22) биле лишени од слобода од полициски службеници од Крива Паланка.
Јавниот обвинител веднаш побара притвор за сите тројца, наведувајќи опасност од бегство и можност за повторување на делото како клучни причини за мерката.
Според обвинителството, семејството континуирано ги малтретирало жителите и соседите, и покрај бројните реакции и интервенции од надлежните институции. Во последниот инцидент, за кој се сомничат, тие спречиле службени лица – инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство и униформирани полициски службеници – да го спроведат решението за одземање на крупниот добиток.
Истражните органи продолжуваат да ги утврдуваат сите детали и околности поврзани со случајот.



























