Тешка сообраќајна несреќа се случи изминатиот викенд во Куманово, при што повредени се малолетник и две млади лица, од кои едно потешко.
Судирот се случил во саботата попладне, околу 16:15 часот, на крстосница од магистралниот пат Куманово–Крива Паланка, во населбата Карпош. Во несреќата учествувале две патнички возила – „Дачиа“ со кумановски таблички, управувана од 58-годишен жител на Куманово, и „Сеат“ со кривопаланечки ознаки, зад чиј волан бил 27-годишен возач од селото Конопница.
Најтешко настрадала 28-годишна скопјанка, сопатничка во „Сеатот“, која се здобила со сериозни телесни повреди. Повредени се и возачот на истото возило, како и малолетен сопатник, кај кои лекарите во Општата болница Куманово констатирале телесни повреди.



























