
Сезонскиот грип годинава го забележа првиот смртен исход во земјава. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина 75-годишна жена, кај која лабораториски е потврден вирусот Инфлуенца А. Смртта настапила во недела, неколку дена пред случајот официјално да биде соопштен во јавноста.
Според информациите од клиниката, пациентката припаѓала на високоризична категорија – имала повеќе хронични заболувања, а дополнителен отежнувачки фактор било тоа што не била вакцинирана против сезонски грип. Токму вакцинaцијата, како што постојано апелираат здравствените власти, претставува клучна заштита за постарите лица и за оние со коморбидитети.
Во моментов, состојбата на Клиниката за инфективни болести останува сериозна. Околу 25 пациенти се хоспитализирани поради компликации од грип, а двајца од нив се во животозагрозувачка состојба и приклучени на апарати за респираторна поддршка.
Директорот на клиниката, д-р Фадил Цана, предупредува дека клиничката слика кај заболените значително варира, но токму тешките респираторни компликации се причина за зголемен број на тешки случаи оваа сезона. „Имаме пациенти кај кои болеста напредува брзо и бара интензивен третман, особено кај невакцинирани лица со хронични заболувања“, посочува тој.



























