
Четириесет и двегодишната жена од гостиварско, која според пријавата два дена била тепана од својот сопруг, се наоѓа на интензивна нега на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Скопје.
Од Клиниката за Канал 5 потврдиле дека пациентката е свесна, контактибилна и во моментот стабилна, но поради сериозноста на повредите и натаму е во животозагрозувачка состојба.
Нејзиниот 52-годишен сопруг е лишен од слобода и однесен на лекување во Психијатриската болница во Бардовци. Обвинителството прибира докази, по што треба да се утврди за кое кривично дело ќе се товари.
Лекарите констатирале сериозни повреди
Според информациите од КАРИЛ, по извршените дијагностички прегледи кај жената биле констатирани скршеници на четири ребра, од седмото до десеттото, делумен пневмоторакс, мала плеврална ефузија на левата страна и мало крварење во главата.
Кај неа имало и видливи отоци и модринки по лицето. Од Клиниката посочиле дека станува збор за политраума, односно повреди што зафатиле повеќе од два системи во организмот, поради што состојбата е сериозна.
Пациентката била примена на интензивно лекување за понатамошно следење и терапија. Според податоците што таа им ги дала на лекарите, повредите ѝ ги нанел нејзиниот сопруг.
Пријавата во полиција ја поднел таткото на сопругот
Според информациите на Канал 5, случајот во полиција првично го пријавил таткото на осомничениот. Пријавата била примена околу 12:30 часот.
Кога околу два часа подоцна полициски службеници од Полициското одделение Галате влегле во домот за да интервенираат, осомничениот М.М. давал отпор и физички се пресметувал со полицајците. Притоа, според пријавените информации, бил повреден еден полициски службеник.
Од Министерството за внатрешни работи потврдиле дека 52-годишникот е лишен од слобода. Тој не бил спроведен во полициска станица, туку бил однесен на лекување во Психијатриската болница во Бардовци. Според објаснувањето на надлежните пренесено од телевизијата, така постапиле поради неговата здравствена состојба.
Од гостиварската болница пренесена во Скопје
Според првичните информации, жената два дена била удирана со тупаници и клоци, а имало и наводи дека била бодена со вила за сено.
Откако изгубила свест, била однесена во гостиварската болница. Оттаму со возило на Итната медицинска помош била пренесена на ургентен во Скопје, со видливи повреди по лицето и телото, вклучително и хематом на устата.
Обвинителството прибира докази
Од Обвинителството за Канал 5 информирале дека се преземаат дејствија за итно прибирање докази, согласно воспоставената процедура за координација и постапување по пријави за семејно насилство.
Дали сопругот ќе се товари за обид за убиство, како што посочиле оттаму, ќе се знае откако ќе бидат обезбедени сите докази. Во постапувањето е вклучен и Центарот за социјални работи.
























