
Неколку случаи на семејно насилство се пријавени во полицијата во изминатите два дена во Штип, Куманово, Чашка, Скопје и Тетово, а меѓу жртвите има и малолетно девојче.
Во Штип, 45-годишна жена денеска, 20 август, пријавила дека нејзината 17-годишна ќерка била физички нападната во семејниот дом од нејзиниот татко, 51-годишниот А.Т. Според пријавата, тој при нападот употребил и тврд предмет. За случајот е известен јавен обвинител, а по неговото целосно документирање ќе следува соодветна пријава.
Само еден ден претходно во Штип бил пријавен уште еден случај. 46-годишна жена пријавила дека во семејниот дом била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер С.В., кој, според пријавеното, употребил тврд предмет и оштетил дел од покуќнината. И за овој настан бил известен јавен обвинител, а полицијата најави соодветна пријава по целосното документирање на случајот.
Случај на семејно насилство бил регистриран и во Куманово. Утрово околу 2:45 часот полицијата го привела 43-годишниот И.С., откако неговата сопруга, исто така на возраст од 43 години, пријавила дека физички ја нападнал. Тој бил задржан во полициска станица, а против него ќе следува соодветна пријава по расчистувањето на случајот.
Во општина Чашка, пак, полицијата привела 53-годишен маж од едно од селата во општината, откако било пријавено дека во семејниот дом физички го нападнал својот 20-годишен син. При полициската проверка било утврдено дека таткото бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,03 промили алкохол во крвта. Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител, а по документирањето ќе следува пријава.
Во Скопје, 30-годишна жена од скопско синоќа околу 23 часот пријавила дека во повеќе наврати била физички нападната од нејзиниот партнер А.Д. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.
Семејно насилство било пријавено и во Тетово, каде СВР Тетово поднел кривична пријава против 50-годишниот Р.М. поради сомнение за „загрозување на сигурноста“ и „неизвршување на судска одлука“. Според полицијата, на 14 август тој во семејниот дом физички ги нападнал сопругата и ќерката, иако претходно му биле изречени привремени мерки за заштита од семејно насилство.

















