
Српската полиција во Белград уапси 42-годишен државјанин на Македонија, осомничен дека со лажно претставување како лекар изнудувал пари од граѓани користејќи ја добро познатата измамничка приказна за итна операција по сообраќајна несреќа.
Според информациите од српските медиуми, осомничениот, со иницијали А.К., се претставувал како хирург и од жртвите барал пари тврдејќи дека итно треба да се изврши операција на нивен близок, кој наводно бил тешко повреден.
Полицијата го уапсила веднаш по една реализирана измама, при што кај него биле пронајдени 16.650 евра и 150.000 динари (околу 1.200 евра).
Истрагата покажала дека не станува збор за изолиран случај. Осомничениот, заедно со други лица за кои сè уште се трага, од ноември минатата година до денес извршил повеќе измами на територијата на Белград, со што, според проценките, прибавил противправна имотна корист од над 100.000 евра.
Случајот го водат припадници на криминалистичката полиција во Белград во координација со Првото основно јавно обвинителство.
На осомничениот му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде спроведен пред надлежното обвинителство со кривична пријава.























