
Педесет и осумгодишен македонски државјанин е обвинет во Хрватска дека бил дел од организирана измамничка група која, според хрватското обвинителство, од шест лица во Загреб незаконски прибавила вкупно 41.400 евра преку телефонски измами.
Според информациите на хрватските медиуми, обвинетиот се претставувал како лекар и телефонски ги контактирал жртвите, тврдејќи дека нивен близок бил тешко повреден во сообраќајна несреќа и дека е потребна итна операција која мора веднаш да се плати.
Во состојба на паника и страв за животот на своите роднини, оштетените се согласувале да ги дадат бараните пари. Потоа, обвинетиот или негови соработници лично доаѓале до нивните домови за да ја подигнат готовината.
Според Државното обвинителство на Република Хрватска, измамите биле извршени во текот на јуни и јули 2025 година на подрачјето на Загреб, а осомничениот дејствувал заедно со засега непознати соучесници.
Против македонскиот државјанин е поднесено обвинение пред Општинскиот кривичен суд во Загреб за повеќе кривични дела измама, вклучително и тешки облици на измама согласно хрватскиот Кривичен закон.
Бидејќи станува збор за странски државјанин без постојано живеалиште во Хрватска, обвинителството побарало продолжување на мерката притвор, наведувајќи опасност од бегство и можност за повторување на кривичните дела или контакт со останатите неидентификувани членови на групата.

















