Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети, и уште седум други лица – поранешни службеници од Општина Сарај и Град Скопје, како и еден надзорен инженер.
Пријавените се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги, соопшти Финансиската полиција.
Според истрагата, осомничените службени лица, иако знаеле дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, сепак изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина. Покрај тоа, биле направени и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште спротивно на законските прописи, додека надзорниот инженер извршил технички преглед и изготвил извештај со неточни податоци.
Со овие постапки, како што стои во соопштението, пријавените му овозможиле на правното лице „Азра Идриз“ ДООЕЛ од село Глумово, Скопје – Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 108.638.840 денари.
Кривичните пријави се поднесени до Основното јавно обвинителство – Скопје.























