
Основниот кривичен суд Скопје одреди мерки за обезбедување присуство на осомничените во рамки на истрагата поврзана со наводен финансиски криминал во Фудбалската федерација на Македонија, додека пет лица сè уште се недостапни за органите на прогонот.
Судија на претходна постапка донесе решение за 30-дневен ефективен притвор за поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, како и за осомничените О.М. и Ѓ.Ч. Тројцата веднаш се спроведени во истражен затвор.
За петмина други осомничени – Н.Л., И.П., И.Ш., С.Т. и К.А. – е определена мерка куќен притвор, додека за Т.П., Ј.Д., Д.Ј. и Е.Н. се изречени мерки на претпазливост, кои вклучуваат одземање на патните исправи, забрана за напуштање на живеалиштето и обврска за редовно јавување во суд.
Во меѓувреме, истражните органи трагаат по уште петмина осомничени кои не биле пронајдени при утринската полициска акција. За две од овие лица обвинителството побарало определување притвор во отсуство, додека за останатите тројца се бараат мерки на претпазливост кои ќе стапат во сила по нивното пронаоѓање.
Истрагата ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а според досегашните информации, предметот се однесува на наводни злоупотреби и финансиски малверзации во вредност поголема од 180 милиони денари.
Надлежните институции најавуваат продолжување на активностите за пронаоѓање на недостапните лица и целосно расчистување на случајот.

















