
Грчките земјоделци денеска попладне ќе се соберат на плоштадот Синтагма во Атина, каде што планираат да останат преку ноќ пред Парламентот. За учество во протестот, кој започнува во 16 часот по локално време, се организираат од различни делови на земјата, користејќи траекти, автобуси, автомобили, па дури и трактори.
Поддршка на собирот веќе изразија Синдикатот на вработените во приватниот сектор, како и опозициските партии СИРИЗА, Нова левица и Комунистичката партија, кои ги повикаа граѓаните да се приклучат.
Околу 130 земјоделци од Крит тргнале кон Атина со траект уште синоќа, додека од континенталниот дел на Грција доаѓаат со автобуси. Над 50 трактори, пак, ќе бидат пренесени со камиони до патиштата на влезот во метрополата, од каде што организирано ќе се упатат кон Синтагма. Тракторите ќе останат паркирани пред Парламентот до утре претпладне.























