
Со затворањето на Поглавјето 32 – Финансиски надзор, Црна Гора направи уште еден цврст исчекор кон Европската унија, испраќајќи порака од Брисел дека евроинтегративниот процес не само што продолжува, туку добива и забрзано темпо. Од вчерашната Меѓувладина конференција со ЕУ, Подгорица излезе со биланс од 13 затворени поглавја од вкупно 33 – резултат што ја позиционира земјата меѓу најнапредните кандидати за членство.
Европската комесарка за проширување Марта Кос оцени дека динамиката што беше воспоставена кон крајот на минатата година продолжува и во 2026 година. Потсетувајќи дека само во декември 2025 година беа затворени пет поглавја, таа истакна дека годината во која Црна Гора одбележува две децении од обновата на независноста има потенцијал да стане симбол и на длабоки реформи. Според неа, целта е јасна – до крајот на 2026 година да се затворат сите преостанати поглавја.
Од црногорска страна, премиерот Милојко Спаиќ порача дека темпото со кое напредуваат преговорите е доказ дека политиката на проширување на ЕУ не е празна формула, туку жив процес со реални резултати. Тој оцени дека земјата има и институционален и политички капацитет уште до крајот на оваа година да ги заокружи преговорите по сите поглавја.
„Европскиот пат не нуди кратенки, но ниту бариери – постојат само работа и реформи“, порача Спаиќ, нагласувајќи дека токму таквиот пристап ја води земјата напред. Во услови на глобални кризи и неизвесност, додаде тој, Европската унија останува клучен гарант на мирот, демократијата и владеењето на правото, а обединета Европа – највисокиот политички идеал кон кој Црна Гора се движи со самодоверба.
Затвореното Поглавје 32 се однесува на воспоставување строги и меѓународно усогласени стандарди за контрола на јавните финансии, вклучувајќи внатрешна финансиска контрола, надворешна ревизија и транспарентно управување со средствата, како национални, така и европски. Неговата примена треба да обезбеди поголема отчетност и дисциплина во целиот јавен сектор.
Од Владата во Подгорица оценија дека ова е еден од клучните чекори на патот кон полноправно членство, со кој се зајакнува довербата во институциите и во реформскиот курс на земјата.



























