Силно невреме го погоди Солун попладнево, предизвикувајќи големи проблеми во сообраќајот и секојдневното функционирање на градот. По само неколку минути обилен дожд, улиците буквално се претворија во реки, а движењето на возилата беше речиси невозможно на неколку клучни локации.
Особено критично беше на улицата Лагада, каде што водата ги поплави патиштата, а граѓаните се обидуваа да спречат продирање на водата во нивните дуќани. Продавачите со метли и кофи ја туркаа водата од праговите на своите објекти, додека возачите се пробиваа низ длабокиот воден слој.
На терен интервенираше и сообраќајната полиција, откако беа регистрирани неколку судири и застои во сообраќајот. Колони од автомобили се формираа на повеќе места, а поплавените шахти ја влошија ситуацијата. Надлежните служби веднаш почнаа со испумпување на водата.
Видеа објавени на социјалните мрежи го покажуваат вистинскиот хаос: автомобили заглавени во вода, поплавени улици и граѓани кои со мака се обидуваат да се движат низ градот. Според информациите, иако има материјална штета и неколку помали несреќи, засега нема информации за повредени лица.