Франција стави блокада на затворањето на две поглавја во пристапните преговори на Црна Гора со Европската Унија, но дипломатски извори од Брисел потврдуваат дека Подгорица следната недела ќе успее да затвори три други поглавја.
Според информации на TVCG, Црна Гора е подготвена да ги затвори поглавјата: Право на основање компанија и слобода на обезбедување услуги (3), Слободно движење на капитал (4) и Право на деловните друштва (6). Меѓувладината конференција, на која се очекува официјалното затворање, е закажана за 16 декември, пред седницата на Советот на министри за општи работи на ЕУ.
Сепак, Франција се спротивставила на затворањето на поглавјата Земјоделство и рурален развој (11) и Рибарство (13). И покрај последните консултации, тие две поглавја остануваат отворени, што го одложува напредокот во овие области.
Дипломатски извори информираат дека постојаните претставници на земјите-членки ќе се состанат повторно за време на викендот, со можност за дополнителни разговори и потенцијално затворање на уште некои поглавја пред конференцијата.
Црна Гора ги започна преговорите со ЕУ на 29 јуни 2012 година, откако статусот кандидат го доби во 2010 година. Досега ги има отворено сите поглавја и неколку привремено затворени, задржувајќи ја позицијата како најнапредната земја на Западен Балкан во процесот на европска интеграција.



























