
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, јасно ги исклучи можностите Хрватската војска да биде дел од т.н. „коалиција на доброволци“ за Украина. Тој истакна дека, како врховен командант на Оружаните сили на Република Хрватска, одлуката е конечна и нема потреба од понатамошна дискусија.
„Хрватска е членка на Европската унија и НАТО и има обврски само во рамки на овие организации. Одлуките на коалицијата на доброволци не ги обврзуваат ниту Хрватска, ниту нашата војска“, порача Милановиќ.
Тој нагласи дека во сегашниот глобален поредок, каде што силата и правото на посилниот стануваат правило во меѓународните односи, приоритет на Оружаните сили останува заштитата на суверенитетот, независноста и територијалната целост на Хрватска.
Претседателот потсети дека сите досегашни и најавени инвестиции во Оружаните сили, вклучително и воведувањето на основна воена обука, треба да го зголемат нивното ниво на подготвеност и способност за исполнување на уставната задача.



























